Штом се случуваат проекти во секоја година, токму во денот на одбележување на аутизмот, тогаш веќе станува збор за традиција, ама со сите нејзини обележја, кои ги восхитуваат децата да го сочуваат континуитетот, да учествуваат и да изразуваат сочувство кон нивните врсници со аутизам.

Оваа година допринесуваме за инклузивноста во практични работилници со изработка на хотели за инсекти. Добро, прочитавте, ем хотели и ем за инсекти, па и тие си имаат свои живеалишта и претставуваат едни од најситните и најмногубројните животински облици, кои одигруваат значајна улога во природата.

Ако се поистоветиме со нив, и ние сме учениците од основните училишта, малите луѓенца, кои можат да одлучат да го разградат општеството, со цел да изградат ново друштво, кое ќе понуди еднакви можности за нашите другарчиња.

И ние ко нив, растеме, се развиваме, се преобразуваме и допринесуваме со грижа за децата со посебни светови. Грижа за тие на кои сме им најпотребни.

Да се навратам, на инсектите, кога тие ќе посакаат да се засолнат во своите живеалишта, тие ќе им бидат адаптабилни за нивната животна средина, бидејќи се изработени од природни материјали какви што што се: дрво, шишарки, струготини, оревчиња и сè она што ги потсетува на природа.

И откако ќе ги излетаат своите летови и откако ќе се изморат од своите лазења, тогаш ќе можат да се одморат во своите нови живеалишта и да ги почувствуваат хотелските удобствија во нашата зоолошка градина.

Со нетрпение очекуваме да ги поставиме нивните нови куќарки во зоолошката градина, каде што престојуваат преостанатите животински видови.

Благодарност за оригиналната иницијатива до едукаторката Маја Димитрова, која што како и секогаш е успешна да ги здружи најголемите, студентите од Машинскиот факултет/отсек индустриски дизајн со учениците од основните и средните училишта и институцијата – зоолошката градина, за да втемелат нови човечки односи, кои ќе ги срушат стереотипите за ,,различните од нас’’ и ќе ги изѕидаат новите градиенти со подигање на свест.

И ако помислите дека ваквите проекти се ситници, толку ситни, токму како инсектите, тогаш, ќе ве разубедиме дека токму ситниците го чинат ЖИВОТОТ ПОУБАВ ДА Е!