Ден за посета на душата, а таа се наоѓа во Градска Библиотека ,,Браќа Миладиновци”! Бевме збрани ние од шести, седми, осми и девети одделенија од ООУ,,Невена Георгиева- Дуња”и сите соединети со една мисла да ја пронајдеме загатката за нејзиното исчезнување. Се сокрила во книгата, во новата адаптирана одаја, во детското катче кое ги поседува сите комодитети додека читаме и додека позајмуваме книги. Живи и именувани простори со катчиња од перничиња, масички и столчиња кои ги удостоија нашите суштински потреби да ни бидат домови кои сакаме да ги имаме со сеопфатните блесоци од прочитаните страници. Не се поколебавме воопшто што дојдовме во ова уточиште на една изобилна светлина, што од портокаловите и жолтите ѕидови, што од навеви во јазиците на кои се испишани книгите и што од зафат на умот и духот кој го доживеавме! По првите впечатоци ни закркоре љубопитноста, а кога таа ќе се појави тогаш се зачнува незаситност за чувствата, емоциите и постапките кои сведочат во напишаните дела. Ете, каде се криела душата, во културата на читањето кое претставува опстанок на секоја цивилизација! И навистина ако не биле книгите никогаш немаше да дознаеме за претходните стари цивилизации. И навистина ако не читаме тогаш нема да знаеме и ние кои сме! А, какви се книгите ако не се неизбришливи, траат во сопствената врховна уверливост и не застаруваат за разлика од сите преостанати технолошки изуми кои не траат и застаруваат. И така прихранети со нови видици во детските зеници ги гледавме книгите и нивните допадливи илустрации со кои беа накитени ѕидовите. Станавме неосетни за времето, бидејќи бескрајот ги измами нашите сетила и го заборави крајот на нашата посета кога молчешкум моравме да се вратиме на часови! Благодарност до Александра Јуруковска и Андријана Апостоловска за поткрепата да пронајдеме нови спознанија кои претставуваат моќни зачнувања на нашите размисли додека ги читаме книгите кои беа подароци за нашата училишна библиотека! Благодарност за подароците кои ги вдомивме во нашето катче!