ИЗВЕШТАЈ ОД РЕАЛИЗИРАНИТЕ АКТИВНОСТИ ПО ПОВОД ДЕТСКАТА НЕДЕЛА

Децата се нашето најголемо богатство, гордост и нашата иднина. Сите деца имаат еднакви права и на сите треба да им се даде неопходната поддршка и да им се овозможат еднакви можности. Во текот на измината недела наставниците и учениците низ многубројни активности научија, споделија и реализираа содржини кои заеднички ни помогнаа да ги анализираме и да го потенцираме значењето на правата на секое дете.Детската неделата помина во духот на соработка, креативност и развивање на позитивни вредности кај учениците. Децата уживаа во активностите, покажаа ангажираност и креативност, а преку нив го зајакнаа чувството на припадност и меѓусебна почит.

Им посакавме добредојде на нашите првачиња во Детската организација кои даденото ,,Ветување“ заедно го слушнаа и едногласно го повторија.

Мотото „Детето денес – иднината утре!“ беше целосно оправдано преку сите активности кои се фокусираа на развојот, среќата и правата на децата.

Цел на активностите

Целта на активностите во рамки на Детската недела беше да се поттикне:

  • Почитување на детските права и одговорности.
  • Развивање на вредности како пријателство, хуманост и соработка.
  • Активно учество на учениците во создавање позитивна училишна клима.
  • Промовирање на детската креативност, мислење и глас.

Активности по одделенија

 I одделение – „Јас и моите другари“

  • Цртање на тема „Моето другарство“ – децата цртаа себе и своите другари и разговараа за тоа како треба да се однесуваме со другарите.
  • Игра „Пренеси ја насмевката“ – секое дете ѝ се насмевнуваше на друго дете, поттикнувајќи добрина и позитивна енергија.
  • Игровни активности– меѓуученички натпревари
  • Креативна работилница: „Нашето прво знаме“ – учениците создадоа симболично знаме со отпечатоци од раце, срца и цртежи, како знак за нивниот нов почеток како училишни другарчиња.

 II одделение – „Правата на децата“

  • „Јас имам право…“ – Приказна и илустрација – учениците ги изразија своите права преку пишување и цртање, а изработките беа изложени во училницата.
  • Игра „Симбол на правото“ – секое дете измисли гест или знак кој го симболизира едно право (на љубов, игра, учење итн.) и го претстави пред останатите.

 III одделение – „Нашето училиште е наш дом“

  • Групна работа: Постер „Правила на нашата училница“ – учениците заеднички формулираа правила за соживот и ги претставија визуелно.
  • „Писмо до себе“ – секое дете напиша писмо во кое изрази што сака да научи и каков пријател сака да биде. Писмата беа враќани на крајот од неделата.

IV одделение – „Да бидеме хумани“

  • „Кутија на добрината“ – секој ученик предложи добро дело кое може да го направи. Секој ден се вадеше едно ливче и се реализираше идејата.
  • Мини-книгичка „Нашите добри дела“ – учениците ги документираа своите добри постапки во креативна книшка.

 V одделение – „Јас и општеството“

  • Флаери за детските права – учениците подготвија флаери со информации за Детската недела, правата на децата и пораки до возрасните. Флаерите беа поделени на првачињата.
  • Игра „Детски парламент“ – учениците дискутираа што би промениле во училиштето или заедницата за да станат подобри места за децата.

 Заедничка активност

  • Организирана приредба и изложба – организирана изложба со сите цртежи, пораки, флаери и постери од учениците од сите одделенија. Настанот беше отворен за наставниците, учениците и родителите.