Веќе неколку години моето училиште ООУ ,, Невена Георгиева- Дуња” е едно од ретките училишта низ државата, чија заложба е применливост на интеркултурното учење кај своите ученици.
Една од заложбите на интеркултурата е одбележување на значајни датуми, со кои немнозинските заедници си ги прославуваат своите идентитети, но од оваа година внесуваме и една новина со која го освестуваме и 21 мај- Светски ден на културната различност.
Учениците од шесто одделение ги истражуваа традиционалните обележја, поврзани со храната и ги споделија своите сознанија со презентација и хамер во сликовити и пишани прикази на јадења од сите немнозински заедници со учениците од второ и трето одделение.
Веќе сме сигурни дека во следните работилници ќе ги засукаме ракавите, ќе ги зачиниме јадењата со најдрагоцените зачини од кои опстоиле нашите претци низ столетија на ова тло какви што се: љубовта и истрајноста и така ќе ги почувствуваме сочните залаци на меѓусебно разбирање, со кои го продолжуваме континуитетот во заедништво како некогаш во давнини, кога сите живееле како едно.
Неизмерна благодарност до: Здружение на стопанственици Власи од Македонија-МАНДРА, Скопје и Ѓорѓи Ѓорѓиев- Ѓоко за скромната донација со книги напишани на влашки јазик во нашата училишна библиотека и воедно им го честитаме националниот ден на Власите- 23 мај.
И јасни цели имаме ние, помалите поколенија, уште од мали учиме кога сме веќе едни до други, да се подучуваме колку сме убави како различни, а слични во замислата да го гушнеме сиот свет во насмевка.




